
Нестабилна воздушна маса денеска ја зафаќа Македонија, носејќи врнежи, грмежи и силен ветер во повеќе региони низ земјата. Според најавите на метеоролозите, времето ќе биде променливо облачно, а попладневните часови на места ќе донесат интензивни поројни дождови, особено во западниот и југозападниот дел каде се очекуваат повеќе од 20 литри дожд на квадратен метар.
Невремето ќе биде проследено со грмежи и засилен северозападен ветер, што дополнително ќе го засили чувството на свежина по неколкудневниот потопол период. Утринските температури низ земјава ќе се движат меѓу 5 и 13 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 13 до 24 степени.
Слична временска слика се очекува и во главниот град. Скопјани денеска ќе имаат променливо и нестабилно време со повремени поројни врнежи и засилен северен ветер. Температурата во утринските часови ќе се спушти до 10 степени, а преку ден ќе достигне околу 23 степени.
Од УХМР најавуваат дека веќе утре времето постепено ќе се стабилизира. Иако облаците ќе останат присутни, се очекуваат и подолги сончеви периоди. Ќе продолжи да дува умерен до засилен северен ветер, особено долж Повардарието, каде налетите повремено ќе надминуваат 50 километри на час. Дневната температура утре ќе биде во пораст и ќе се движи од 18 до 26 степени.
















