УТРО.мк

Муцунски: Средба меѓу Сиљановска и Жељазков во Хаг најверојатно нема да има

Муцунски: Средба меѓу Сиљановска и Жељазков во Хаг најверојатно нема да има
Vero

Средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот премиер Росен Жељазков на маргините на Самитот на НАТО во Хаг веројатно нема да се случи. Ова од Хаг во изјава за ТВ Канал 5 го соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, изразувајќи жалење за ваквиот развој на настаните.

– Жал ми е што по последните информации кои ги имам, веројатно тука во Хаг нема да има средба помеѓу претседателката и премиерот на Бугарија – изјави Муцунски.

Тој нагласи дека и покрај тоа, македонската страна останува целосно отворена за дијалог на сите нивоа – претседателско, премиерско и министерско.

Муцунски истовремено изрази загриженост што актуелната бугарска влада, како и дел од европратениците во Брисел, според него, сѐ повеќе влегуваат во рускиот наратив за дестабилизација на регионот на Западниот Балкан.

– Стабилноста на Западниот Балкан најлесно може да се обезбеди преку извесна европска интеграција на целиот регион. За жал, постапките што ги гледаме последниве недели, месеци, па и денови, влегуваат во наратив кој има за цел да создаде нестабилност – рече министерот.

Тој оцени дека само преку отворен дијалог можат да се надминат предизвиците и да се обезбеди долгорочна стабилност за регионот.

Во однос на извештајот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Муцунски го оцени неговото усвојување како историски чин. Станува збор за извештајот за 2023 и 2024 година, подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјата, Томас Вајц.

Инаку, евентуалната средба меѓу Сиљановска-Давкова и Жељазков ќе беше прв директен контакт меѓу македонска и бугарска страна на највисоко ниво. Претходно, и премиерот Христијан Мицкоски изјави дека секоја иницијатива за ваква средба треба да се прифати.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран