Нападите на американската војска врз три ирански нуклеарни постројки минатиот викенд не ги уништиле клучните елементи на иранскиот нуклеарен програм и најверојатно го одложиле за само неколку месеци, покажува прелиминарната проценка на американската разузнавачка заедница, која ја објави CNN повикувајќи се на четири извори запознаени со содржината на документот.
Проценката ја изработила Разузнавачката агенција на Министерството за одбрана (DIA), врз основа на анализа на штетите направена од Американската Централна Команда (CENTCOM). Иако анализата сè уште трае, првичните податоци ѝ противречат на изјавата на претседателот Доналд Трамп, кој тврдеше дека нападите „целосно го уништиле“ иранскиот капацитет за збогатување ураниум. Слично тврдење даде и министерот за одбрана Пит Хегсет, кој изјави дека „нуклеарните амбиции на Иран се уништени“.
Но, според два извора блиски до извештајот, залихите на збогатен ураниум не биле уништени, а поголемиот дел од центрифугите останале „недопрени“. „Во најдобар случај, САД успеале да го одложат иранскиот нуклеарен програм за неколку месеци“, рекол еден од нив.
Белата куќа ја потврди постоењето на извештајот, но го нарече „погрешен и дезинформирачки“. Според портпаролката Каролин Левит, објавата е „обид за дискредитација на претседателот Трамп и храбрите борбени пилоти“.
Иако американската армија тврди дека операцијата била успешна, извештаите укажуваат дека штетата е претежно на надземни објекти, како електроинфраструктура и постројки за обработка на ураниум. Подземните инсталации, меѓу кои и оние во Фордов, Натанз и Исфахан, останале главно недопрени. Некои од нив дури биле гаѓани со крстосувачки ракети Tomahawk, наместо со специјализирани бункер-бастер бомби.
Дополнително, извори тврдат дека Иран поседува тајни нуклеарни објекти кои не биле цел на нападот и кои сè уште функционираат. Според експертот Џефри Луис, овие објекти можат да послужат како основа за брза обнова на нуклеарниот програм.
Забележливо е и откажувањето на планираните затворени брифинзи во Конгресот за оваа операција. Според демократскиот пратеник Пет Рајан, причината е тоа што администрацијата не може да ги поткрепи тврдењата за целосно уништување на иранскиот нуклеарен капацитет.
Во меѓувреме, Трамп останува цврст во ставот дека „сè е под урнатини“ и дека „иранската нуклеарна закана е елиминирана“, иако разузнавачките служби укажуваат на сосема поинаква слика.