Британскиот премиер Кир Стармер објави дека Велика Британија ќе ја зголеми потрошувачката за одбрана на рекордни 5% од БДП до 2035 година, што претставува највисоко ниво од времето на Студената војна. Оваа најава доаѓа пред самитот на НАТО во Хаг, каде што се очекува членките официјално да се обврзат на истиот процент на трошење за колективната безбедност.
„Живееме во нестабилни времиња, можеби нестабилни колку никогаш досега“, изјави Стармер, обраќајќи се до новинарите на пат кон самитот. Тој потенцираше дека Велика Британија мора да биде подготвена за потенцијални закани на домашно тло и дека новата безбедносна стратегија на земјата предвидува јасна промена во пристапот кон националната одбрана.
Според владината стратегија објавена во вторникот, Британија мора „активно да се подготвува“ за можноста да биде директно загрозена, вклучително и преку вежби за „национален отпор“ со учество на цивилното население.
Даунинг стрит проценува дека до 2027 година трошоците за одбрана ќе достигнат најмалку 4,1% од БДП, како чекор кон крајната цел од 5%. Сепак, сè уште не е јасно како ќе се обезбедат дополнителните средства, а се отвораат и прашања за можни кратења во другите јавни сектори.
Стармер увери дека социјалните програми нема да бидат засегнати од буџетското пренасочување. Во однос на Кина, новата стратегија предвидува продолжување на економската соработка и покрај „софистицираната и трајна закана“ која, според министерот за надворешни работи Дејвид Лами, произлегува од зголеменото кинеско шпионажа во последните години.
Зголемените воени трошења доаѓаат и како одговор на инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.