Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го усвои Предлог-извештајот за напредокот на Македонија кон Европската Унија, подготвен од европратеникот Томас Вајц. За извештајот гласаа 40 членови, 19 беа против, а 10 воздржани.
Во документот, АФЕТ ја поздравува посветеноста на земјата на евроинтеграциите, ги охрабрува македонските власти да ги продолжат реформите, вклучително и уставните измени, и повикува на зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Европратениците нагласуваат дека политичката волја – како во Скопје, така и во Брисел – е клучна за напредокот.
Извештајот содржи и пофалби за амбициозната Реформска агенда, поткрепена со 750 милиони евра од новиот Инструмент на ЕУ за реформи и раст. Се бара фокус на јавната администрација, деполитизација и медиумски реформи усогласени со Европскиот закон за слобода на медиумите.
Загриженост е изразена за политичката поларизација, корупцијата на високо ниво и недовербата во судството. Се повикува на независен судски систем, инклузивна изборна реформа и заштита од странско влијание, особено од Русија и Кина.
Неколку амандмани од бугарски европратеници – вклучително и барањето „современ македонски јазик“ – беа одбиени, а бугарски пратеници најавија „мислење на малцинството“ како додаток на документот.
По усвојувањето, известувачот Томас Вајц изјави дека е горд на компромисот кој овозможи „добро избалансиран извештај“. Тој нагласи дека „Македонија припаѓа во ЕУ“ и повика да се искористи моменталниот замав за продолжување на проширувањето.
Следниот чекор е гласање на пленарна седница на Европскиот парламент, закажана за периодот од 7 до 10 јули во Стразбур.