Првиот вицепремиер и функционер на ВЛЕН, Изет Меџити, порача дека само една година откако оваа политичка платформа стана дел од Владата, се решава еден од најгорливите наследени проблеми – правичната и соодветна застапеност на граѓаните во институциите.

„Законот за правична застапеност е нормативна и правна гаранција дека уставниот принцип за фер застапеност ќе биде почитуван од сите институции,“ истакна Меџити.
Тој додаде дека со овој закон се воспоставува силна основа за унапредување на еднаквиот пристап и застапеноста на сите заедници во јавната администрација.
„Оние што се против се истите кои ја доведоа застапеноста, но и целата држава, до сегашната состојба. Слободно нека гласаат против во Парламентот“, рече тој, алудирајќи на поранешната владејачка партија ДУИ.
Меџити порача дека ВЛЕН не само што ветува, туку и реализира, потенцирајќи дека ова е првиот конкретен чекор кон воспоставување системска рамнотежа и институционална еднаквост за сите граѓани.