УТРО.мк

Мицкоски: Потпишан Меморандум со „Казанџи Груп“ – се отвора простор за стратешки проект во енергетиката вреден 1 милијарда евра

Мицкоски: Потпишан Меморандум со „Казанџи Груп“ – се отвора простор за стратешки проект во енергетиката вреден 1 милијарда евра
Vero

Премиерот Христијан Мицкоски и претседавачот на турскиот енергетски конгломерат „Казанџи Холдинг АС“, Шабан Џемил, денеска во Скопје го потпишаа Меморандумот за разбирање, со кој се поставува темелот за реализација на стратешки енергетски проект вреден до 1 милијарда евра. Целта на проектот е долгорочно да се зајакне енергетската независност и стабилност на Северна Македонија.

„Испраќаме јасен сигнал дека имаме волја да го обезбедиме својот енергетски суверенитет. Оваа инвестиција ќе има долгорочно влијание врз енергетскиот систем на државата“, изјави премиерот Мицкоски на заедничката прес-конференција по потпишувањето на документот.

Проектот предвидува развој на нови капацитети за производство на електрична енергија, изградба на современа дистрибутивна мрежа за природен гас и дополнителни мерки за зголемување на сигурноста во снабдувањето со енергенси. Според премиерот, станува збор за повеќе од обичен инфраструктурен потфат.

„Ова е проект што директно влијае врз безбедноста, стабилноста и економската иднина на државата. Енергијата е темелот на секоја економија, предуслов за нормално функционирање на институциите и за секојдневниот живот на граѓаните. Да имаме сопствени извори и стабилна дистрибуција значи да имаме контрола врз еден од најстратегиските системи во државата“, рече Мицкоски, подвлекувајќи дека Владата не се води од краткорочни, ад-хок мерки, туку има амбиција Македонија да се етаблира како независен енергетски субјект во регионот.

Од страна на инвеститорот, Шабан Џемил посочи дека меморандумот е резултат на долгогодишна подготвителна работа и истражување, и дека проектот ќе се реализира со највисоко ниво на професионализам. Како што истакна, целта е Македонија да се позиционира како клучен енергетски центар на Балканот.

Според проекциите, реализацијата на проектот ќе придонесе за отворање нови работни места, ќе ја зајакне индустријата и ќе го намали увозот на енергенси, што ќе донесе економски бенефити на долг рок.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран