УТРО.мк

Мицкоски очекува Обвинителството целосно да го расчисти случајот со прислушувањето

Мицкоски очекува Обвинителството целосно да го расчисти случајот со прислушувањето
Vero

Скопје, 4 септември 2025 – Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, очекува Обвинителството да го истера до крај случајот со прислушувањето кое го вршеле лица од АНБ и Агенцијата за разузнавање (АР), со цел да се стави крај на злоупотребата на ресурсите на овие служби.

„Традиција е кога СДСМ е во Владата и кога СДСМ управува со службите во државата, ВМРО-ДПМНЕ да биде следена. По природа на нештата логично е како претседател на Влада да добивам такви извештаи. Тоа не е нешто чудно и страшно. Очекувам од Обвинителството до крај да го истераат овој случај,“ изјави Мицкоски при посетата на Општина Брвеница, одговарајќи на новинарско прашање за тезите на опозицијата.

Премиерот додаде дека во опозицијата и во СДСМ постои вознемиреност, што според него е оправдано поради децениската злоупотреба на ресурсите на службите – порано на УБК, а сега на АНБ и АР. „Ценам дека еднаш за секогаш треба да се стави крај на злоупотребата на ресурсите за да влегуваме во туѓите човечки животи. Бедни се тие луѓе кои наместо со себе се занимаваат со други луѓе,“ рече Мицкоски.

Во врска со декласификацијата на документите, премиерот нагласи дека одлуката ја носи Обвинителството, а не Владата. „Тој што ги лиферува тие информации или е правен аналфабет или сака да ја политизира работата,“ истакна Мицкоски.

Неодамна АНБ информираше дека вработени во агенцијата го следеле Мицкоски како лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и новинари и бизнисмени. Премиерот и актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски, на одбележувањето на годишнината од основањето на агенцијата потврдија дека станува збор за документи класифицирани како државна тајна, но изразија очекување дека случајот ќе добие правна разрешница и одговорните ќе бидат казнети.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) информираа дека во моментов се води предистражна постапка и поради нејзината тајност не можат да споделат повеќе детали.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран