Наталитетот мора да стане врвен национален приоритет затоа што тоа е прашање за иднината и опстанокот на државата, порача премиерот Христијан Мицкоски на централната свеченост по повод 34 години од осамостојувањето на Македонија.
„Залудно е да зборуваме за патишта, плати и пензии, ако имаме сè помалку луѓе. Залудно градиме училишта ако клупите се празни и игралишта ако нема детски жагор“, нагласи премиерот, додавајќи дека намалувањето на бројот на деца е најголемата закана за државата.
Тој посочи на загрижувачките податоци од повеќе градови: во Битола за десет години бројот на првачиња се намалил од 960 на 651, во Тетово од 1076 на 940 за само три години, во Охрид од 560 на 440, а во Радовиш од 208 на 139. „Овие бројки не се само статистика, туку приказни за затворени училници, за празни игралишта и за населени места што полека исчезнуваат“, рече Мицкоски.
Владата, според него, останува посветена да создава политики кои ќе ги охрабрат младите да останат во земјата, да формираат семејства и да веруваат во својата иднина дома. „Секое ново дете што ќе се роди е инвестиција во иднината. Нашата мисија е Македонија да ја има и утре, и задутре, и во генерациите што доаѓаат“, подвлече премиерот.