Иако летото е при крај, осите остануваат една од најголемите непријатности за оние што сакаат да уживаат на отворено. По необично топлата сезона, нивната бројност значително се зголеми, а според експертите, токму во овој период се најагресивни.
Директорот на компанијата за дезинсекција Copley Pest Control, Џејмс Копли, предупредува дека во август и септември матичните оси престануваат да положуваат јајца, што значи дека работничките оси остануваат без својот вообичаен извор на храна. „Тогаш тие стануваат поагресивни и почесто бараат алтернативни извори на јаглехидрати, најчесто околу човечката храна“, објаснува Копли.
Трик со хартиена кеса
Еден од наједноставните начини да се одвратат осите е со закачување на изгужвана кафеава хартиена кеса во дворот или на балконот. Осите се територијални и ќе избегнуваат места каде што мислат дека има друго гнездо. „Ваквата илузија ги одвраќа без да им наштети, а воедно не влијае врз пчелите и бумбарите“, вели Копли.
Природни репеленти и практични решенија
Станца за мамка: Поставете тањир со џем или старо овошје подалеку од местото каде што јадете. Осите ќе се пренасочат таму. Мешавина од оцет и вода: Распрскајте еднакви делови бел оцет и вода на масата или околу храната – киселиот мирис ги одбива. Кора од краставица: Осите не го поднесуваат мирисот на свежо излупена кора од краставица. Искорисено кафе: Поставено во мали садови, има силен мирис кој го маскира мирисот на храната.
Без хемикалии
Стручњаците предупредуваат да не се користат агресивни хемиски средства и спрејови. Осите, иако досадни, имаат улога во одржувањето на рамнотежата во екосистемот – контролираат други инсекти и придонесуваат за опрашувањето.
„Превенцијата со природни методи е најбезбедниот и најефикасниот начин да се заштитите од оси без да им наштетите на другите корисни видови“, заклучува Копли.