
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека Македонија останува цврсто посветена на европската интеграција, но очекува процес кој ќе биде заснован на принципи, доверба и предвидливост.
На заедничката прес-конференција, Мицкоски нагласи дека државата не бара привилегии ниту посебен третман на патот кон Европската Унија, туку еднаков пристап и вреднување на реформите и исполнетите обврски.
„Нашата позиција е јасна. Остануваме цврсто определени кон европскиот пат. Не бараме привилегии, не бараме олеснети правила и не бараме нешто што не им припаѓа и на другите. Бараме принципи, кредибилен и предвидлив процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека Владата ќе продолжи со спроведување на реформската агенда, јакнење на институциите, стабилизирање на економијата, привлекување нови инвестиции и подобрување на јавните услуги.
Во разговорите со Кошта било отворено и прашањето за довербата на граѓаните во европскиот процес. Според премиерот, по долгогодишните компромиси и исполнети барања, кај граѓаните постои чувство на неизвесност кое може да се надмине само со јасни и предвидливи чекори од страна на Европската Унија.
„После години чекање, компромиси и исполнети барања, природно е граѓаните да чувствуваат неизвесност. Потребни се лидерство, јасност и доверба. Европа била најсилна кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности“, рече Мицкоски.















