
Пред денешната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој престојува во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски повтори дека Владата останува на ставот дека уставните измени нема да се реализираат без претходно јасно дефинирани гаранции дека европскиот пат на земјата нема да биде оптоварен со нови дополнителни барања.
Според него, клучниот проблем не е само во обврските од европската агенда, туку во недовербата дека процесот ќе остане предвидлив и без нови политички условувања.
„Ставот ни е јасен и досега повеќепати сме го кажале. Нема да поддржам процес што личи на авантура без извесен крај. Ние сакаме брза интеграција, но не по цена на неизвесност и постојано поместување на условите“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека во изминатите децении државата направила повеќе тешки политички компромиси, но и покрај тоа не бележи суштински напредок во евроинтеграциите, што, како што оцени, создава фрустрација и скепса во јавноста.
Во однос на односите со Бугарија, премиерот порача дека напредок е можен само доколку постои взаемно почитување и реална политичка волја за исполнување на договореното.
„Ова мора да биде процес со две насоки. За да има доверба, мора да има испорака од двете страни. Доколку навистина постои единство меѓу европските лидери дека нема да има нови условувања, тогаш тоа треба јасно да се формализира во заклучоци што ќе ја гарантираат таа позиција“, истакна тој.
Мицкоски нагласи дека Владата останува подготвена за дијалог со Европската Унија и за спроведување на реформската агенда, но инсистира на јасна рамка во која ќе се одвива процесот.
Во однос на евентуална трилатерална средба со претставници од Бугарија и ЕУ, премиерот рече дека Македонија не бега од разговори, но очекува однапред дефиниран формат и прецизни соговорници.
Антонио Кошта е во посета на Западен Балкан како дел од поширока регионална турнеја, а на 5 јуни во Тиват ќе копретседава со Самитот ЕУ – Западен Балкан, каде главни теми ќе бидат проширувањето на Унијата, постепената интеграција, регионалната соработка и прашањата за безбедност и стабилност во регионот.















