
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва најави дека Македонија би можела да се приклучи кон Европската унија веќе во 2027 година, но на начин кој ќе ја постави државата на „брза лента“ без право на глас. Според него, ова сценарио е дел од поширокиот мировен план за Украина и моментално се разгледува и во Брисел.
„Идејата е Украина, заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија, да станат членки на ЕУ и да седнат на масата на Советот, да се развие македонското знаме во Брисел, но без право на глас. Сепак, ќе можеме да учествуваме во работата на комисиите и другите тела, со многу внатрешни контроли“ објасни Мицкоски во „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Премиерот истакна дека постојат два клучни услови за ваквата интеграција: усогласена надворешна и безбедносна политика и владеење на правото. Тој претпоставува дека уставните измени би биле потребни, бидејќи претходната влада ги прифатила тие принципи.
„Ова сценарио ќе се случи во 2027 година. Другиот предуслов е да се приклучат и останатите земји од регионот – Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија. Сè зависи од многу „ако“: мировниот план за Украина, консензус за евентуален мировен договор и други динамични фактори“ рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе работи на откочување на евроинтеграцискиот процес, но нема да го прави тоа под притисок. – Нашите аргументи се на наша страна и веќе добиваат тежина и препознатливост во меѓународната заедница, посочи премиерот.
Мицкоски ја критикуваше досегашната практика на компромиси на штета на македонскиот идентитет, споредувајќи ја со долгите и сложени историски процеси, од Бледскиот договор до Францускиот предлог, кои според него не донеле фер решение. „Ние нема да работиме кон решение кое нè доведува само до првата пречка, туку ќе бараме трајно и достоинствено решение“ нагласи тој.
Премиерот откри дека на последниот панел во Минхенската безбедносна конференција, еден од претставниците на моќна земја го нарекол односот кон Македонија „криминал“. Во меѓувреме, известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, не бара итни уставни измени, туку нивно постепено усвојување.
„Секој кој не мисли добро за Македонија ќе бара „меко ткиво“ во опозицијата, и тоа се случува“ рече Мицкоски, алудирајќи на СДСМ и неговото водство.























