Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, денеска на настанот „Саем – Отчет, четири години работа за тебе“ ги презентираше резултатите од еден мандат локална власт.
„За секој збор што го кажувам подготвен сум да зборам со дела, одговорно и со бројки“, истакна Мицкоски, додавајќи дека во изминативе четири години се реконструирани и изградени улици и патишта во вкупна должина од над 770 километри, во вредност од околу 100 милиони евра.
Направени се 46.840 метри нови водоводи, изградени се канализации со должина над 91 илјада метри, а изградени или во завршна фаза се 7 пазари од затворен тип и 12 пречистителни станици.
Во образованието, Мицкоски информираше дека се модернизирани над 400 училишта, поставени се фотоволтаици, обезбедена е бесплатна храна за учениците од 1 до 5 одделение и организирано бесплатно летување за деца од социјално загрозени семејства. Во градинките се реконструирани над 70 објекти, а изградени се неколку десетици нови, со инвестиција од над милијарда денари.
Завршени или во завршна фаза се 274 спортски игралишта и детски рекреативни терени. Во повеќе градови се изградени нови пазари и пречистителни станици, а во Охрид реконструирани се околу 20 повеќенаменски спортски и детски игралишта.
Мицкоски истакна дека за разлика од претходната власт, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е партнер на општините, со инвестирани 500 милиони евра за капитални проекти за локален развој во само една година, а реализацијата на проектите по општините моментално изнесува над 100 милиони евра.