На завршниот збор во судењето за грабнувањата и свирепите убиства на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес на 22 ноември 2023 година и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје пет дена подоцна, обвинетиот Велибор Манев тврди дека тој и Боре Видевски мислеле дека напаѓаат и киднапираат возрасна жена од влезот, на која првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо претходно ѝ ги научил навиките и ја следел.
Адвокатот на Манев, Горан Бошевски, детално ги опиша двете монструозни дела, истакнувајќи дека Боре, кој ги негира делата и присуството, токму тој ја фатил Вања за раката, ѝ ја залепил лентата на устата, по што ја ставиле во вреќа, а потоа во гепекот на стариот „Ситроен“, украден од веќе убиениот Жежовски.
„Кога ја отворивме вреќата, видовме училишен ранец. Палевски ѝ ја тргна лентата од устата и лицето и видовме дека е дете. Тој ја праша која е, кои ѝ се мајка и татко, ја фотографираше со вперен пиштол во неа. Му рековме со Боре да го ослободи девојчето, зашто и така сме под маски. Но тој зеде перниче од ѓубриштето и ја застрела во главата“, рече адвокатот Бошевски.
По завршниот збор, адвокатот истакна дека неговиот клиент Манев нема удел и не предизвикал никакви убиствени дејства и побара ослободителна пресуда за него.
На претходното рочиште, Обвинителството побара доживотен затвор за сите обвинети – Палевски, Манев, Видевски и Влатко Кешишев.
Меѓу обвинетите е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во грабнувањето на своето дете, што тој го негираше.
Денешното судење продолжува со завршниот збор на Боре Видевски.