УТРО.мк

Ќе падне ли вториот Протокол со Бугарија пред Уставниот суд?

Ќе падне ли вториот Протокол со Бугарија пред Уставниот суд?
Vero

Ќе се испитува уставноста на документот што, според иницијаторот, е штетен за македонскиот идентитет

Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја оценува уставноста и законитоста на Вториот протокол потпишан меѓу македонската и бугарската влада. Иницијативата ја поднесе поранешната пратеничка и претседателка на партијата ДОМ, Лилјана Поповска.

Од Судот информираат дека во текот на јули биле оформени 26 нови предмети, меѓу кои и овој, во кој се оспорува Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, одржан на 17 јули 2022 година во Софија. Документот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи – Бујар Османи и Теодора Генчова.

„Во тек е претходна постапка за прибирање податоци и известувања, потребни за донесување одлука на Судот,“ соопштуваат од Уставниот суд.

Според Поповска, Протоколот го прекршува член 8 став 1 алинеја 1, 2 и 11 од Уставот, има несоодветна форма и содржина, излегува надвор од рамките на правен акт што обработува еден член од билатерален договор и произведува штетни дејства врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава. Таа тврди дека документот е спротивен на Уставот затоа што не бил ратификуван во Собранието и не бил објавен во Службен весник во предвидениот уставен рок.

Дополнително, иницијативата наведува прекршување на членовите 6–16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, бидејќи не била почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од Владата и потпишување. Поповска бара поништување на Протоколот, повикувајќи се и на Виенската конвенција за договорно право од 1969 година, која овозможува поништување на акт што е во спротивност со императивните норми на меѓународното право.

Во иницијативата се истакнува дека Протоколот не е полноправен акт потврден од парламентот, туку претставува само записник од состанок на меѓувладина комисија. Поповска забележува дека постапката во Северна Македонија била нетранспарентна и со пропусти, додека во Бугарија собраниска комисија за текстот расправала уште на 23 јуни 2022 година. Веќе следниот ден, 24 јуни, бугарското собрание го усвоило целиот пакет од таканаречениот Француски предлог за почеток на преговорите со Северна Македонија, во кој Протоколот бил имплицитно вграден.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран