ОХРИД – Навидум „лудата“ идеја за првиот фолк концерт на Античкиот театар во Охрид се претвори во вистинска бајка. Под ѕвезденото небо и над мирните бранови на Охридското Езеро, музиката одекнуваше низ древните камења, а мелодиите се пренесуваа сè до Струга.

Магичните аранжмани на Златко Миладиноски, изведени од големиот оркестар, ја исполнија ноќта со емоција и гордост, а публиката од сите континенти пееше заедно со изведувачите, потврдувајќи дека македонската песна и традиција живеат и ќе живеат.

Влатко Миладиноски, естраден уметник и пеач на народни песни, во соработка со #BalkanMedia и нивниот тим, како и со бројни соработници – Дарко Стојаноски, Спасен Сиљаноски, Дамјан Стојаноски, Жанко Голабовски (Како Петко), тонецот Љупчо Соколовски, видео продукцијата Moonlight и DВД5, видео анимациите на Зоран и Македонка Тошевски, и поддршката од Трајче Петковски и Панче Димов (Offline Production) – создадоа незаборавно музичко доживување.

„Оваа ноќ беше повеќе од концерт. Ова беше приказна за љубов, музика и Македонија“, изјави Миладиноски, соочувајќи се со оваа исклучителна атмосфера на едно од најимпозантните историски места во земјата.

Концертот ја отвори новата ера на фолк музиката во уникатниот амбиент на Античкиот театар и остави незаборавен белег кај сите присутни.