
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) подготвува анализа на постојниот модел на блок-тарифи и евтината тарифа за електрична енергија, по што е можно да има промени во периодите во кои домаќинствата плаќаат пониска цена.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, вели дека конечна одлука сè уште нема и дека Комисијата ги очекува податоците и барањата од енергетските компании за следниот тригодишен регулиран период.
Според Ристов, сегашниот модел бил креиран во услови на енергетска криза, кога електричната енергија била најскапа во текот на денот. Во меѓувреме, со зголеменото производство од фотоволтаичните централи, условите на пазарот се промениле.
„Имаме евтина енергија преку ден, кога има хиперпродукција од фотоволтаиците, а навечер, кога ги нема, електричната енергија може да биде поскапа“, изјави Ристов.
Токму поради тоа, РКЕ разгледува дали распоредот на евтината тарифа треба да се приспособи на новите услови на пазарот.
Како една од можностите се разгледува и проширување на периодот на евтина тарифа во одредени часови за време на викендот. Причината е што тогаш потрошувачката од индустријата може да биде пониска, а на пазарот да има вишок електрична енергија.
Пред евентуално донесување одлука, РКЕ најавува анализа на потрошувачката по часови, денови и тарифни блокови, со цел да се утврди дали и како треба да се менува постојниот модел.
Засега нема донесена конечна одлука за промена на евтината тарифа.























