УТРО.мк

Максималниот рок за отплата на станбените кредити се намалува

Максималниот рок за отплата на станбените кредити се намалува
Vero

Од 1 декември 2026 година стапуваат на сила нови правила за задолжувањето на граѓаните. Максималниот рок за отплата на станбените кредити се намалува од 30 на 25 години, одлучи Извршниот одбор на Народната банка.

Со измените на макропрудентните мерки се намалува и максималниот дозволен ДСТИ – односно односот меѓу месечните отплати на кредитите и приходите на кредитокорисникот.

Лимитот за ДСТИ се намалува за 5 процентни поени – од 50% на 45% кај кредитите во денари и од 45% на 40% кај кредитите со валутна компонента.

Тоа значи дека кај овие кредити месечните отплати ќе може да опфаќаат помал дел од приходите на кредитокорисникот.

Промени има и кај роковите за отплата. Покрај станбените кредити, каде што максималниот рок се намалува од 30 на 25 години, кај хипотекарните потрошувачки кредити рокот се скратува од 20 на 15 години.

Сепак, граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште и понатаму ќе имаат поповолен третман. За нив рокот за отплата на станбениот кредит останува 30 години, додека ДСТИ лимитите остануваат 50% за кредитите во денари и 45% за кредитите со валутна компонента.

Од Народната банка велат дека мерките имаат превентивен карактер и се насочени кон ограничување на ризиците од прекумерно задолжување на домаќинствата и одржување на финансиската стабилност.

Одлуката се носи во период кога кредитирањето на физичките лица продолжува да расте. Во првото полугодие од 2026 година, годишниот раст на кредитите кон физичките лица достигнал 12,2%, во споредба со 11,2% во 2025 година. Највисок раст е забележан кај станбените кредити, од 16,6%.

Народната банка посочува дека досегашните податоци покажуваат подобрување на структурата на новото кредитирање и намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар.

Новите правила ќе почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран