
Македонското пиво годинава бележи значителен раст на извозот, со што трговскиот биланс за овој производ е во суфицит. Во првите седум месеци од 2026 година од земјава се извезени 7,1 милиони литри пиво, што е повеќе од вкупниот извоз остварен во целата 2025 година.
Според податоците на Државниот завод за статистика, од јануари до јули годинава се извезени 7.105.529 литри пиво во вредност од 5,63 милиони евра. Во истиот период увозот изнесувал 3.080.359 литри, со вредност од 2,13 милиони евра.
Тоа значи дека по количина извозот бил повеќе од двапати поголем од увозот, додека по вредност разликата е уште поголема.
Главните пазари за македонското пиво и понатаму се земјите од регионот, пред сè Косово и Албанија.
Во 2025 година Македонија извезла околу 6,15 милиони литри пиво, во вредност од 4,3 милиони евра. Косово учествувало со околу 70 проценти во вкупниот извоз, а заедно со Албанија апсорбирале речиси 93 проценти од македонскиот извоз на пиво.
Истовремено, минатата година Македонија увезла околу 12,6 милиони литри пиво, речиси двојно повеќе од количината што ја извезла. Најголеми добавувачи биле Полска, Србија, Романија, Грција и Германија.
Само петте земји обезбедиле околу 74 проценти од вкупниот увоз на пиво во 2025 година. Полска учествувала со 22,5 проценти, Србија со 19,5 проценти, Романија со 11,8 проценти, Грција со 10,6 проценти и Германија со 9,2 проценти.
Производството, пак, во 2025 година изнесувало 659.980 хектолитри, што е пад од 5,7 проценти во споредба со 2024 година, кога биле произведени 700.025 хектолитри.
Најголемо производство во периодот од 2007 до 2025 година било регистрирано во 2019 година, со 738.396 хектолитри, додека најниско во 2011 година, со 611.836 хектолитри.
Доколку извозниот тренд од првите седум месеци продолжи и до крајот на годината, 2026 година би можела да биде една од најуспешните години за надворешно-трговските резултати на македонското пиво во последниот период.
Податоците покажуваат и дека домашниот пазар во последните години сè повеќе се потпира на увозни брендови. Увозот на пиво од 2022 до 2025 година пораснал од околу 10 на 12,6 милиони литри, односно за 25,3 проценти.
Покрај регионалните пазари, македонско пиво се извезува и во земји од Европската Унија, меѓу кои Малта, Хрватска, Австрија, Германија, Полска и Словенија, како и на пазари надвор од Европа.
Во однос на цените, највисока просечна извозна цена е регистрирана на пазарите во САД, со 1,22 евра за килограм, додека просечната извозна цена е околу 0,71 евро за килограм.























