Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ – Битола, Мартин Ивановски, гостувајќи во емисијата „Топ тема“ на Телевизија Телма, истакна дека младите мора да бидат центар на вниманието во развојните политики на државата. Тој подвлече дека поддршката за младите не треба да се сведе само на традиционални младински иницијативи, туку треба да опфати и реформи во институциите, инфраструктурни проекти и нивно директно вклучување во процесите на одлучување.
„Младите за прв пат добиваат титула во министерство. Тоа е значајна порака дека младите стануваат видлив дел од институциите“, изјави Ивановски, алудирајќи на трансформацијата на Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт, со што, како што рече, се отвараат нови можности за проекти во корист на младите.
Во таа насока, тој ја најави реконструкцијата на спортската сала на УКИМ и изградбата на 25 повеќенаменски игралишта низ целата држава. „Ова е директен резултат на реорганизацијата. Средствата што се пренасочуваат преку новото министерство ќе овозможат конкретни проекти за младите“, посочи тој.
Ивановски зборуваше и за позитивните примери на локално ниво, особено во неговата родна Битола, каде по победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година, бил формиран Локален младински совет и отворен младински центар. Според него, овие иницијативи покажуваат дека младите можат и треба да бидат дел од локалното одлучување.
Тој се осврна и на потребата политиките за млади да не се ограничуваат само на култура или спорт, туку да ги опфатат и основните предуслови за квалитетен живот. „Патната инфраструктура, канализацијата, спојувањето на урбаните и руралните средини – сето тоа е политика за млади. Не можеме да зборуваме за задржување на младите ако не им обезбедиме услови да останат и надвор од урбаните центри“, рече Ивановски.
На крајот, тој повика на пошироко сфаќање на концептот „политики за млади“, со акцент на нивната реална и системска вклученост во развојот на државата.