Трамп пријавил приход од над 600 милиони долари – криптовалути, голф и медиумски бизниси во фокусот
Американскиот претседател Доналд Трамп пријавил приход од над 600 милиони долари до 2024 година, покажува неговиот последен финансиски извештај, објави Ројтерс. Вкупната вредност на неговиот имот се проценува на најмалку 1,6 милијарди долари.
Значителен дел од приходите доаѓа од криптовалутата $TRUMP, која, според извештајот, генерирала околу 320 милиони долари. Дополнително, неговото семејство инкасирало над 400 милиони долари преку соработка со „World Liberty Financial“, вклучувајќи продажба на токени и управувачки пакети.
Трамп, исто така, остварил приходи преку своето учество во „Трамп Медиа енд Технолоџи Груп“, сопственик на социјалната мрежа „Трут Сошнал“, како и од инвестиции во фондови, со најмалку 12 милиони долари приход врз основа на вложувања од 211 милиони долари.
Голф-одморалиштата во Флорида, меѓу кои „Мар-а-Лаго“ и „Трамп Нешнал Дорал“, донеле над 217 милиони долари, од кои само „Дорал“ придонел со 110 милиони.
Од меѓународни лиценци и проекти, Трамп заработил околу 31 милион долари, а од авторски права, меѓу кои парфеми, часовници, патики и NFT-картички со неговиот лик, дополнителни неколку милиони. Меланија Трамп пријавила 216.700 долари од сопствена NFT колекција.
Извештајот ја покренува повторно дебатата за потенцијален конфликт на интереси, иако деловните активности формално се во рацете на неговите деца.