
Голем број граѓани од Албанија доаѓаат во Македонија за купување гориво и храна по пониски цени, кои поради војната во Иран се зголемиле и во Албанија, но и низ светот. На граничниот премин „Ќафасан“ се чека повеќе од два часа за влез во земјата, при што снимки покажуваат долги колони возила, јави „Еуроњуз Албанија“. Слична ситуација е пријавена и на граничниот премин „Какавија“ кон Грција.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека утре ќе се одржи вонредна владина седница на која ќе се донесе одлука за намалување на акцизите за горивата, со цел да се спречи големо поскапување. Тој истакна дека Македонија засега располага со доволно количини на гориво и нема потреба од воведување ограничувања, а голем дел од граѓаните од соседните земји го користат моментот за полнење на резервоарите на своите возила.
На прашањето дали ќе се воведат мерки за штедење, како што препорачува Европската Унија, Мицкоски рече дека засега таква потреба нема.























