
Дваесет и осумгодишниот Тарик Семси, по потекло од село Коџаџик – Центар Жупа, Македонија, влегува во трка за советник во Општинскиот совет на Венеција, станувајќи првиот Македонец и странец кој се најде на кандидатската листа за ова тело во познатиот италијански град.
Тарик дипломирал архитектура на престижниот универзитет во Венеција, е оженет и татко на едно дете. На локалните избори закажани за 24 и 25 мај, тој е кандидат на независната листа на Симоне Вентурини, адвокат поддржан од италијанската десница.
„Тарик е прекрасно и вредно момче. Со неговата подготвеност верувам дека ќе придонесе многу за градот Венеција и за македонската заедница“, изјави Вентурини за МИА.
Тарик е син на познатиот бизнисмен и филантроп Мунир Шемси, кој активно помага и во Италија и во Македонија. „Горд сум на мојот син и верувам во неговиот успех на изборите. Ова е историски момент, бидејќи првпат странец може да влезе во Советот на Венеција“, изјави Мунир Шемси за МИА.
Македонците кои живеат во Венеција истакнуваат дека Тарик заслужува да влезе во Советот и дека неговиот пример ќе инспирира идните генерации.























