
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата утре ќе донесе одлука за намалување на акцизите на горивата, што треба да доведе до поевтинување на бензините или стагнирање на цената на дизелот во наредните денови.
Според премиерот, цените на бензините се очекува да се намалат за два денари по литар, додека дизелот ќе остане стабилен. Регулаторната комисија за енергетика одлука ќе донесе во понеделник.
„Според овие калкулации, дизелот требаше да поскапи за околу седум денари, а бензините за еден и пол до два денари. Со утрешната владина седница, условите се исполнети да ги намалиме акцизите за дизелот за четири денари, а за бензините за два денари по литар“, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека ефектите од мерките ќе се почувствуваат веќе од понеделник. Тој додаде дека околу дизелот ќе се одржуваат разговори со компаниите како ОКТА, со цел да се одржи стабилноста на цената, а за бензините намалувањето може да достигне до 2,5 денари по литар, зависно од дополнителните попусти од компаниите.























