Европскиот суд за човекови права денес објави дека отвора сериозни прашања во однос на документираните повреди на правото на правично судење во предметот против мене, за набавката на блиндирано возило за потребите на државата, напиша поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на својот профил на Фејсбук.
„Овие прашања не се само потврда на целото беззаконие и бескрупулозност на инсталациите на претходната власт во правосудството во однос на мене лично, туку и потврда дека токму тие инсталации беа најмоќната алатка за остварување на целите на таа влада. Иако поминаа скоро 5 години од поднесувањето на апликацијата пред ЕСЧП, а јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претрпев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција. Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права. Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата“, наведе Јанкулоска.
Клучна фигура во овој случај е судијката Добрила Кацарска, кој прво претседавала со судскиот совет кој ги осудил Никола Груевски и Ѓоко Поповски за истото дело. Во таа постапка, при изрекувањето на пресудата, Кацарска ја спомнала Јанкулоска како лице што ги поттикнало или ги охрабрило нивните дела. Со такво предубедување, Кацарска, како претседателка на новиот судски совет, влегла во раздвоената постапка против Јанкулоска. Апликацијата тврди дека на овој начин судијката де факто веќе формирала став за вината на Јанкулоска пред воопшто да започне нејзиното судење.
Дописот од Стразбур до македонската Влада го коментира и адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на Јанкулоска, кој ја подготви нејзината апликација до ЕСЧП:
„Судскиот предмет ‘Тенк’ е case study во којшто се отсликуваат сите проблеми и целата трулост на македонското ‘пупка’ судство – срамно користење на прислушкувани разговори како докази, повреда на правото на одбрана (експресно судење, нееднаквост на оружјата и неконтрадикторност на постапката), отсуство на независност и непристрасност на судиите, повреда на презумпција на невиност, немање пристап до суд па дури и отсуство на суд (трибунал) основан со закон. Конечно, припадниците на злосторничкото здружение ќе треба да положат сметка и да дадат одговори за своите бестијалности, што верувам е прв чекор до конечната цел – целосна рехабилитација на Гордана Јанкулоска и одговорност (професионална и кривична) за злотворите од ‘пупка’ судството и рекетарското СЈО“.























