Кривичниот совет на Основниот суд во Кочани ги одби жалбите на Основното јавно обвинителство и потврди дека мерката куќен притвор за осомничените инспектори останува во сила. Обвинителството бараше нивно спроведување во истражен затвор поради ризик од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, но судот оцени дека домашниот притвор е доволен за непречено одвивање на постапката.
Според соопштението од судот, жалбите се целосно одбиени, а решенијата на судијата на претходна постапка се потврдени. Осомничените инспектори на УЈП се товарат за земање поткуп, злоупотреба на службената положба и однапред информирање на сопствениците на дискотеката „Пулс“ за претстојни контроли, со што им овозможиле да избегнат законски обврски.























