
Владата на денешната вонредна седница донесе пакет мерки со кои директно се интервенира во цената на нафтените деривати, со јасна цел да се заштити стандардот на граѓаните и да се спречи нов ценовен удар на домашниот пазар, во услови кога глобалните движења на цените на нафтата вршат силен притисок врз економијата.
Премиерот на прес-конференција соопшти дека Владата донела одлука за намалување на акцизите, при што дизелот ќе се намали за 4 денари по литар, а бензините од 95 и 98 октани за 2 денари по литар. Паралелно со оваа мерка, Владата одлучи и ДДВ за горивата да остане намален од 18 на 10 проценти, и тоа до завршување на кризата, која засега е предвидено да трае до 20 април.
Мицкоски нагласи дека без ваквата интервенција цените ќе доживееле сериозен скок, при што дизелот би ја надминал психолошката граница од 102 денари за литар, додека бензините би поскапеле дополнително за 1,5 до 2 денари, што директно ќе се одразело и врз цените на сите останати производи и услуги.
За дополнително ублажување на ударот врз граѓаните, Владата постигнала и директен договор со рафинеријата ОКТА, со кој се обезбедува дополнителен попуст што ќе важи до крајот на април. Според договореното, дизелот ќе има дополнително намалување од 3 денари по литар, додека бензините ќе бидат поевтини за уште 2 денари по литар.
Кога ќе се вкрстат владините мерки со договорот со ОКТА, конечниот ефект за граѓаните е стабилизација на цените, при што дизелот практично ќе остане на сегашното ниво, со што се амортизира потенцијално поскапување од дури 7 денари по литар, додека бензините реално ќе бидат поевтини за околу 2 денари во споредба со претходната недела.























