
Православните христијани денеска го одбележуваат големиот празник Цветници, познат и како Цветоносна недела или Врбица, кој се празнува една недела пред Велигден и претставува вовед во Страдалната седмица.
Празникот е посветен на свеченото влегување на Исус Христос во Ерусалим, кога народот го пречекал со цвеќе, врбови и маслинови гранчиња, постилајќи ги пред него како знак на почит и признание.
Според христијанското предание, Христос влегол во градот качен на магаре – симбол на мирот и понизноста, за разлика од коњот кој се поврзувал со војна. Овој чин се смета за исполнување на пророштвата и најава за неговата жртва и страдање што ќе следи.
Цветници се празнуваат веднаш по Лазарева сабота и го означуваат почетокот на најтешката и најзначајна седмица во христијанството – периодот на Христовото страдање, распнување и воскресение.
Во Македонија, празникот е поврзан и со народни обичаи – берење цвеќе, плетење венчиња и украсување на домовите, како симбол на нов живот, надеж и духовно обновување.























