Симпатизери на СДСМ од Кичево, мотивирани од средба со поранешниот лидер на партијата Бранко Црвенковски, активно се вклучиле во изборите со цел „Македонец да победи во градот“ и да се стави крај на, како што велат, „раскалашната власт на ДУИ“.
Информацијата ја објави Горан Карафилоски, истакнат активист на СДСМ од Кичево, поранешен секретар на општинската организација и актуелен директор на едно училиште.
На својот Фејсбук-профил, Карафилоски објави фотографија на која се гледа Бранко Црвенковски во друштво со кичевски сопартијци, придружена со порака дека тие биле мотивирани и обединети во желбата за промена на локалната власт.
Во коментарите под објавата, дел од граѓаните од Кичево напишале дека појавата на Црвенковски „силно ги мотивирала“ и дека „неговата сенка сè уште е голема“.
Во својата објава, Карафилоски меѓу другото напиша:
„Многу од своите нѐ отпишуваа… но имаше кој знаеше да нѐ мотивира и активира. Секоја средба со него одвреме-навреме била значајна и победничка – така и овојпат, и се дојде до победа. Но треба да се знае дека покрај една серија отпишаните, имаше и продолжение на серијата – како враќање на отпишаните.“
Тој додаде дека секој треба да си ја понесе одговорноста:
„Чесно е да си ја согледаат вистинската состојба и способност, да ги остават клучевите и светлото пуштено, затоа што не згаснува ништо со никого.“
Карафилоски упати и порака до раководството на СДСМ:
„Другари од централата, со нетрпение ве очекуваме во Кичево – посебно потпретседателите и генералниот секретар – да објасните дали личните интереси, пријателствата и приватните врски, водени само од клиентелизам, ѝ помогнаа на партијата, на општинската организација или на противникот.“
Тој ја заврши објавата со зборовите:
„Јас, Горан Карафилоски, сум и можам да бидам само СДСМ и ништо друго. И во најтешките мигови сум бил, како што велат, само СДСМ – до гроб.“































