УТРО.мк

Ангелов задоволен од специјалните возила – се тестираат во реални услови

Ангелов задоволен од специјалните возила – се тестираат во реални услови
Vero

Две специјални противпожарни возила на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) беа ангажирани во гаснењето на пожарот во Скопско, кој траеше во текот на вчерашниот и денешниот ден. Станува збор за „Хермелин“ со цистерна од 6 тона и „Пинцгауер“ со капацитет од 1,5 тон вода.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, објасни дека употребата на БТР-80 не била можна поради специфичната конфигурација на теренот:

„Бидејќи се оперираше низ населени места со стрмни и тесни улици и остри кривини, сметав дека не е безбедно да се користи БТР-80. Наместо тоа, подготвивме две возила за можен транспорт до фабриката ‘Самоков’, кои со своите резервоари од 6 тона и моќни пумпи со дострел до 100 метри, можат значително да помогнат при одбрана на објектот“, изјави Ангелов.

Поради тоа што пожарот бил ставен под контрола пред да се приближи до фабриката, овие возила не биле испратени таму.

Ангелов потенцира дека сите возила имаат технички преглед, се регистрирани на име на ДЗС и се уредно тестирани. Тој истакна дека моменталното вклучување на специјалните возила е дел од поширок план за тестирање во реални услови:

„Како одговорен за овие возила, дадов наредба да се тестираат на терен – не само пумпите и капацитетот, туку и целата посада. Овие неколку дена ги третираме како тест фаза. Откако ќе се увериме дека се доволно ефикасни и безбедни, нивниот број ќе се зголемува согласно потребите“, додаде тој.

Во однос на досегашното искуство, Ангелов рече дека е задоволен од перформансите на специјалните возила.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран