Таинствена смрт на двајца руски функционери од транспортниот сектор во ист ден
Москва – Рускиот транспортен сектор се соочи со драматичен и трагичен пресврт, откако во ист ден починаа двајца високи функционери – министерот за транспорт Роман Старовојт и заменик-раководителот на Одделот за управување со имот при Федералната агенција за патишта, Андреј Корнејчук.
Според информации на неколку руски телеграм-канали блиски до безбедносните служби, 42-годишниот Корнејчук починал ненадејно во зградата на Министерството за транспорт во Москва. Сведоци тврдат дека тој се почувствувал лошо за време на состанок, се исправил, потоа се срушил и починал на лице место. Итната медицинска служба која пристигнала подоцна, само ја констатирала смртта. Првичните извештаи посочуваат на срцев удар како можно објаснување.
Само неколку часа подоцна, јавноста беше потресена од веста дека министерот за транспорт, Роман Старовојт, е пронајден мртов во своето возило во округот Одинцово, со прострелна рана. Истражниот комитет на Русија соопшти дека станува збор за самоубиство. Смртта на Старовојт дојде веднаш по објавата дека е разрешен од функцијата од страна на претседателот Владимир Путин.
Старовојт, кој беше назначен за министер за транспорт во мај 2024 година, претходно речиси пет години ја водеше Курската област, која се граничи со Украина. Неговото разрешување беше неочекувано, а не беше наведена официјална причина.
Ситуацијата се разви во момент кога рускиот транспортен сектор се соочува со сериозни предизвици – авиоиндустријата страда од недостаток на резервни делови поради санкциите, а Руските железници, најголемиот работодавач во земјата, се бори со растечки камати и инфлација, дополнително влошени од тековната војна.
Кремљ веќе именуваше нов вршител на должноста министер за транспорт – Андреј Никитин, поранешен гувернер на Новгородската област. Официјалните фотографии покажуваат како Никитин се ракува со претседателот Путин во Кремљ.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Никитин бил избран поради неговите „професионални квалитети и искуство“, кои, според претседателот, се клучни за успешно водење на еден од најважните ресори.
Според извори од индустријата, замената на Старовојт била во подготовка уште пред Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург минатиот месец, иако Министерството за транспорт одби да го коментира тоа.
Двете смртни случаи, поврзани со истиот ресор и истиот ден, фрлаат сенка врз руската администрација, оставајќи многу прашања без одговор.