Украинска разузнавачка служба: Русија подготвува употреба на хемиско оружје
Главната управа за разузнавање (ГУР) при Министерството за одбрана на Украина соопшти дека пресретнала разговор меѓу руски војници, во кој се зборува за подготовка за употреба на токсични супстанци против украинските сили.
„Во разговорот што го пресретна украинската разузнавачка служба, припадници на руската окупациска армија отворено дискутираат за подготовките за уште еден воен злостор – употреба на хемиско оружје“, се наведува во соопштението објавено на официјалната веб-страница на ГУР, пренесува Укринформ.
Според објавеното, руските војници разговарале за планови за употреба на отровни супстанци врз позиции на украинските одбранбени сили.
Од Министерството за одбрана на Украина порачуваат дека „секој воен злостор против украинскиот народ ќе биде соочен со праведна одмазда“.
Како реакција на ваквите информации, Велика Британија воведе санкции против двајца високи руски офицери и една институција поврзана со хемиска војна. Санкциите, според соопштението на британската влада, вклучуваат замрзнување на имот и забрана за патување за Алексej Викторович Ртишчев и Андреј Марченко – началникот и заменик-началникот на руските сили за радиолошка, хемиска и биолошка заштита.
Дополнително, санкциониран е и Научноистражувачкиот институт за применета хемија – акционерско друштво кое, според Лондон, ја снабдува руската армија со гранати што содржат хемиски агенси за разбивање демонстрации.
Британската влада обвинува дека овие гранати биле користени како оружје во воени дејства против Украина, со што, според истото соопштение, директно е прекршена Конвенцијата за забрана на хемиско оружје.