Утрово во 05:00 часот започнаа воздушни интервенции врз пожарот што зафати делови од Општина Чучер Сандево, во близина на селата Чучер и Блаце. Во гаснењето учествуваат три хеликоптери – два на Министерството за внатрешни работи и еден на Армијата на Република Северна Македонија.
На терен се ангажирани и екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје со повеќе возила, Јавното комунално претпријатие од општината, како и екипи на Дирекцијата за заштита и спасување. Црвениот крст обезбеди базен за полнење вода со хеликоптерите.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека е во постојана координација со сите надлежни институции на терен со цел ефикасно справување со огнената стихија.