Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) денеска објави јавен повик за кофинансирање обуки на кандидати за стекнување дозволи од областа на летачките операции, со што ќе покрие половина од потребните средства.
Во рамки на оваа иницијатива, ќе бидат обучени вкупно 27 кандидати за различни категории пилотски дозволи: 7 за пилоти на авион PPL(A), 3 за пилоти на едрилица, 5 за ултра лесни авиони, 10 за параглајдер, како и 2 дозволи за падобранец.
Директорот на АЦВ, Драги Стојаноски, истакна дека целта е да се покрие поширок спектар на воздухопловен персонал, вклучувајќи обуки како основа за професионален развој, но и спортски воздухопловни активности кои ја поттикнуваат мотивацијата и ги наградуваат постигнатите резултати на европски и светски натпревари.
„Со овој проект сакаме да ги раздвижиме аеро клубовите и спортските аеродроми, кои во последно време се соочуваат со финансиски и имотно-правни проблеми и полека затвораат, иако во минатото беа клучни за создавање на персонал кој подоцна ги користеше и Министерството за одбрана, полицијата, ДЗС и други институции“, додаде Стојаноски.
Право на пријава имаат кандидати од 18 до 30 години, со средно образование, познавање на англиски јазик на ниво Б2, психофизичка способност, како и положени тестови по физика и математика. Пријавени не можат да бидат лица кои се во сродство со вработени во Агенцијата.
Конкурсот трае 15 дена, со можност за продолжување доколку нема доволен број на пријавени кандидати.
Оваа можност е одличен поттик за младите кои се заинтересирани за летачки професии и спортски воздухопловни активности, како и за обновување на воздухопловната сцена во земјата.