Жителите на Дубаи наскоро би можеле да ги избегнуваат сообраќајните гужви со користење на воздушни такси услуги.
Компанијата Joby Aviation оваа недела успешно изведе прв пробен лет на целосно електрично летечко такси, што претставува важен чекор во плановите на градот за интеграција на воздушниот транспорт во постојната мрежа на мобилност веќе од следната година.
Од Joby Aviation се надеваат дека нивните воздушни таксиња ќе го намалат притисокот врз копнените превозни средства и ќе им понудат на патниците побрза алтернатива, со оглед на зголемените застои во сообраќајот во Дубаи.
„Нашата цел е да го промениме начинот на кој луѓето патуваат до работа“, изјави Ентони Кури, генерален директор на Joby за Обединетите Арапски Емирати.
Патување од 12 минути со летечки такси наместо 45 минути со автомобил
Патувањето од главната аеродромска сала во Дубаи до архипелагот Палм Џумејра ќе трае околу 12 минути со ова летечко такси, според проценките на компанијата, наспроти 45 минути со автомобил.
Иако долгорочната цел на Joby е услугата да биде достапна за сите, Кури признава дека на почетокот цените најверојатно ќе бидат наменети за патници со поголеми приходи. „Како и со секоја нова технологија, почетните денови можат да бидат преферирани од поелитните корисници.“
Пробниот лет изведен во пустина
Демонстрацискиот лет беше изведен во понеделник на оддалечена локација во пустината, југoисточно од центарот на Дубаи, со цел да ја имитира типичната патувачка рута на воздушното такси, соопштија од Joby Aviation.
На свеченоста присуствуваа високи владините претставници, раководители во секторот за транспорт и претставници на компанијата. Леталото изведе вертикално полетување, прелета неколку километри, а потоа се врати и изведе вертикално слетување.
Joby Aviation разви електрично летало за вертикално полетување и слетување (eVTOL) кое може да прелета до 160 километри со максимална брзина до 320 км/ч.
„Се надеваме дека луѓето ќе го забележат само повремено“
Целосно електричниот летечки такси е дизајниран да биде еколошки прифатлив, со нула емисии на штетни гасови и доволно тивок за комерцијална употреба во густо населени урбани средини.
„Ќе лета над градот, покрај станбени области, и се надеваме дека луѓето ќе го забележат само повремено“, изјави Кури.
Компанијата планира да ја започне комерцијалната услуга во Дубаи во 2026 година, со четири почетни „точки“ лоцирани на Меѓународниот аеродром во Дубаи (DXB), Палм Џумејра, центарот на Дубаи и бизнис-областa Дубаи Марина.