Јутјуб воведува нови, построги правила за стримување во живо, кои ќе стапат на сила од 22 јули 2025 година. Според најновото известување на платформата, креаторите ќе мора да имаат најмалку 16 години за да можат самостојно да емитуваат содржини во живо.
Оваа промена значи крај за самостојните преноси на корисници на возраст од 13 до 15 години, кои досега можеа да стримуваат со родителска или возрасна поддршка. Од сега, тие ќе мора да имаат возрасен кој е јасно присутен и активно учествува во стримот.
Јутјуб предупредува дека секој што ќе се обиде да го заобиколи правилото ризикува привремена или трајна блокада на функциите за стрим. Каналите што ќе бидат ограничени нема да можат да емитуваат ниту преку други поврзани сметки.
За да продолжат со работа, младите креатори можат да доделат улога на возрасен (уредник, менаџер или сопственик) кој ќе го управува преносот преку нивниот канал.
Иако Јутјуб тврди дека промените се воведуваат за зголемена безбедност, тие ќе имаат сериозно влијание врз младиот креативен талент кој веќе стекна огромна публика на платформата.