Од 1 јули 2025 година, сите дански државјанки што ќе наполнат 18 години ќе мора да се пријават за проценка за воена служба, со што Данска стана една од ретките земји во Европа што го прошири воениот рок и на жените. Одлуката доаѓа во услови на зголемена безбедносна неизвесност во Европа и пошироко.
Според новиот закон усвоен уште во јуни 2023, жените ќе подлежат на истите услови како и мажите – прво се повикуваат доброволците, а останатите се избираат по случаен избор, преку лотарија.
„Во денешниот свет, потребни ни се повеќе регрути, и мислам дека и жените треба подеднакво да придонесуваат“, изјави Катрине од Кралската гарда. Таа додава дека армијата сè уште треба да се прилагоди – униформите и опремата, како ранците, се дизајнирани за мажи и често не одговараат на женските тела.
Данските вооружени сили веќе почнаа со адаптација на касарните и опремата. Покрај тоа, Данска планира до 2026 да го зголеми времетраењето на служењето од 4 на 11 месеци и да го зголеми бројот на регрути од сегашните 5000 на 7500 до 2033 година.
Овој потег е дел од поширока стратегија на земјата за јакнење на националната одбрана и исполнување на обврските кон НАТО.