„Циклонска бомба“ ја погоди најнаселената австралиска сојузна држава Нов Јужен Велс, носејќи обилни дождови и силни ветрови, поради што авиокомпаниите беа принудени да откажат домашни летови, а властите издадоа наредби за евакуација во крајбрежните подрачја.
Властите предупредија дека во наредните 24 часа се очекува уште поголемо влошување на времето, со можни врнежи од дожд до 250 милиметри и ветрови со брзина до 125 километри на час.
Жителите кои живеат во чувствителните области на крајбрежна ерозија добија наредба да ги напуштат своите домови, а за неколку заедници долж северниот брег на државата е на сила и предупредување за помали поплави.
Австралиската авиокомпанија Qantas Airways откажа најмалку 11 домашни летови, додека Virgin Australia откажа 12, покажуваат податоците од веб-страницата на аеродромот во Сиднеј. Временските непогоди засега не влијаат врз меѓународниот воздушен сообраќај.
Портпаролот на Virgin Australia изјави дека некои услуги во мрежата на компанијата се погодени од неповолните временски услови во Сиднеј и Њукасл. Австралискиот метеоролошки завод објасни дека „циклонската бомба“ претставува систем со низок притисок кој брзо се формира и предизвикува значителен пад на притисокот за кратко време.
Се очекува оваа „бомбогенеза“ во среда да се премести од копното кон Тасманското Море и да се смири до четврток, соопшти метеоролошкиот завод.
„Штетните ветрови и обилните врнежи ќе продолжат да ја зафаќаат поголемиот дел од крајбрежјето до среда, а предупредувањата ќе останат на сила,“ изјави постарaта метеоролошка аналитичарка Хелен Рид. Таа додаде дека временските услови постепено ќе се смируваат до петок, а до крајот на неделата на источната обала ќе има само слаби и изолирани дождови.