Министерството за здравство соопшти дека од именувањето на министерот Азир Алиу на 9 јуни започнал интензивен процес за зајакнување на здравствениот кадар ширум државата. Во изминатиот месец се реализирани или се во завршна фаза над 950 нови вработувања во јавните здравствени установи.
Новите вработувања опфаќаат широк спектар на здравствен персонал – од лекари и медицински сестри до лаборанти, болничари, техничари, психолози, социјални работници, хигиеничари и друг неопходен кадар.
„Ова е само почеток. Процесот ќе продолжи и во наредниот период со нови постапки за вработување во повеќе јавни здравствени установи“, информираат од Министерството.
Министерот Алиу ја истакна важноста на човечкиот капитал во здравствениот систем и посочи дека вложувањето во луѓето е основа за стабилен и функционален здравствен систем.
„Здравството не може да функционира без посветениот кадар што секојдневно го одржува во живот. Затоа сме фокусирани на создавање стабилен и ефикасен систем преку инвестирање во луѓето“, наведуваат од Министерството.
Новата стратегија што ја спроведува ресорното министерство има за цел не само количествено, туку и квалитативно подобрување на здравствените услуги за граѓаните низ целата држава.