
Околу 1.000 нови пациенти со рак на дојка биле дијагностицирани минатата година, а во моментов на активен третман на Клиниката за радиотерапија и онкологија се околу 7.000 пациенти, беше истакнато на настанот „Појадок со „Хема-онко“, посветен на пациентите, здравствените работници и унапредувањето на онколошката грижа.
Директорот на Клиниката, проф. д-р Игор Стојковски, информираше дека во изминатиот период се воведени нови лекови и специфични терапии, особено за пациентите со рак на дојка.
Според него, постепено започнува и процесот на децентрализација на онколошката грижа. Во Градската општа болница „8 Септември“ веќе функционира специјалистичко-консултативна дејност, а плановите предвидуваат онколог од Скопје да посетува и Клиничката болница во Битола.
Стојковски посочи дека децентрализацијата ќе се спроведува во неколку фази, при што следниот чекор е воспоставување дневна болница. Клучен услов, како што нагласи, е обезбедување соодветна инфраструктура и кадар за терапијата да се прима безбедно.
– Почна првата фаза, тоа е специјалистичко-консултативната дејност. Се надеваме дека в година ќе почне и дневната болница да функционира. Тоа се неколку фази и зависи од инфраструктурата на болниците. Примарно е безбедноста на пациентите да биде соодветна – рече Стојковски.
Тој додаде дека понекогаш терапијата може минимално да доцни поради проблеми во дистрибуцијата. Во однос на набавките, посочи дека се разгледува можноста дел од терапиите во следната јавна набавка за 2027 година да бидат обезбедени за подолг период.
Клиниката, според Стојковски, минатата година ја завршила со 5.300 нови пациенти со различни видови канцер. Бројот на новорегистрирани пациенти, како што рече, секоја година расте за околу 200 до 300.
На годишно ниво, пак, бројот на пациенти кои барем еднаш се јавуваат на Клиниката достигнува речиси 20.000.
Зголемените потреби за финансиски средства се должат и на поголемиот број пациенти, но и на подолгото преживување и подолготрајното лекување.
– Расте бројот на пациенти, а расте и преваленцата. Пациентите подолго примаат терапија, имаме подолг успех во лекувањето и подолго преживување, така што секогаш постои потреба од зголемување на финансиските средства во наредната година – посочи Стојковски.























