
Најавата дека Грција в сабота ќе ѝ предаде на Бугарија посмртни останки за кои се смета дека му припаѓаат на цар Самоил предизвика остри реакции во Македонија. Македонски историчари го оспоруваат степенот на сигурност со кој се утврдува кому му припаѓаат коските и предупредуваат дека договорот меѓу Атина и Софија ќе се користи и за политички цели.
Од македонската Влада за ТВ 24 изјавиле дека станува збор за билатерален договор меѓу две суверени држави. Според Владата, ваквите потези дополнително покажуваат зошто Македонија треба достоинствено да ги штити својот идентитет, јазик и историско наследство. Оттаму порачуваат дека ќе продолжат да водат политика на заштита на македонскиот идентитет, без оглед на одлуките што други држави ги носат во своите меѓусебни односи.
















