
Тројца обвинети во случајот со фалсификуваните возачки дозволи ја признале вината и во скратена постапка добиле затворски казни.
На првообвинетата, која била вработена во Министерството за внатрешни работи, ѝ е изречена казна затвор од две години и шест месеци. Второобвинетиот и третообвинетиот се осудени на по една година и три месеци затвор.
На сите тројца им е продолжена мерката притвор, информираа од Основниот кривичен суд Скопје.
Предметот се однесува на незаконско внесување категории во возачки дозволи, нивно издавање и употреба. Од Судот појаснуваат дека станува збор за обвинителен предлог, поради што, откако бил поднесен, било веднаш закажано рочиште. Тројцата обвинети кои биле во притвор вчера се појавиле пред судот, ја признале вината и добиле затворски казни.
Основното јавно обвинителство Скопје на 19 септември поднесе обвинителен предлог против шест лица за продолжено кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинението, првообвинетата, која работела како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи во Скопје, во периодот од септември 2020 до август 2026 година во повеќе наврати ги користела своите службени шифри за да врши измени во возачки дозволи со внесување дополнителни категории.
Останатите пет обвинети се возачи кои, според Обвинителството, иако немале положено возачки испит за категориите Ц и Д, во договор со службеничката поднесувале барања за издавање возачки дозволи во кои биле внесувани категории за кои не ги исполнувале законските услови.
Тројцата останати обвинети се недостапни за органите на прогонот. За нив е предложено определување притвор по нивното пронаоѓање, како и постапката да продолжи во нивно отсуство.
Во истиот предмет Обвинителството продолжува со обезбедување докази против уште 21 лице осомничено дека било посредник или корисник на фалсификувани возачки дозволи. Истрагата опфаќа и други можни злоупотреби поврзани со случајот.















