УТРО.мк

Заврши зимскиот цензус на водните птици во земјава: Дојранско Езеро со стабилни бројки, а на Преспанско и Охридско бележиме флуктуации

Заврши зимскиот цензус на водните птици во земјава: Дојранско Езеро со стабилни бројки, а на Преспанско и Охридско бележиме флуктуации
Vero

 Скопје, 27.01.2026 година – Над 35 300 единки од 44 различни видови на водни птици беа попишани за време на зимското пребројување на птици на трите природни езера во Македонија, што под водство на Македонското еколошко друштво кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму како дел од Меѓународниот зимски цензус на водни птици.

„Споредено со податоците од претходните пет години, популациите на птици на Дојранското Езеро, иако мали, се стабилни. На Преспанското Езеро се бележат флуктуации, додека промените на Охридското Езеро се најдинамични. Причините за овие промени ќе се утврдуваат откако ќе се разгледаат сите фактори што би можеле да влијаат на ваквите податоци и во контекст на пребројувањата од другите европски земји“, истакнува Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во Македонското еколошко друштво (МЕД).

Птиците се одличен биолошки индикатор за состојбата на живеалиштата кои ги населуваат и користат. Преку зимското пребројување што се случува синхронизирано во илјадници влажни живеалишта низ светот, се бележат нивното присуство или отсуство и нивната бројност. Притоа, се користат стандардизирани методи за да можат научниците и природозаштитниците да ги следат долгорочните трендови на популациите, да ја проценат меѓународната важност на поединечни водни подрачја и да детектираат промени во состојбата на водните подрачја поради губење на живеалишта, промена во водните режими, загадување и климатски промени.

„На овој начин се обезбедуваат цврсти докази кои треба да се земат предвид при креирањето на политиките и мерките за заштита. Вака собраните податоци се корисни и за клучните меѓународни рамки, како што се Рамсарската конвенција за влажни подрачја, Африканско-евроазискиот договор за водни птици (AEWA), директивата на ЕУ за заштита на дивите птици и глобалните индикатори за биодиверзитет, затоа што обезбедуваат една од најсилните долгорочни бази на податоци за биодиверзитет на глобално ниво и претставуваат суштински важен систем за рано предупредување за влошување на состојбата на водните живеалишта, а со тоа и на биодиверзитетот“, дополнува Узунова. 

Овдешното зимско пребројување на птици се прави истовремено на целата територија на трите природни езера во сите држави, поради што во него учествуваат и соработници од Националниот парк „Галичица“, Паркот на природата „Езерани“, Друштвото за заштита и зачувување на природната средина од Албанија (PPNEA) и од Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Националниот парк „Езеро Керкини“ од Грција. Освен тоа што ја координира акцијата на македонската страна и ги обработува собраните податоци, МЕД исто така ги советува и насочува волонтерите во броењето на птици.

„Меѓу луѓето кои доаѓаат на терен има научници и професионални истражувачи, но и вљубеници во природата со голема страст за птиците, кои своето слободно време доброволно го поминуваат со нас, на отворено, пред телескоп, со двоглед или фотоапарат в рака. Нивниот придонес е исклучително скапоцен, а за возврат имаат можност да стекнат нови познанства, да си го надградат знаењето и да уживаат во глетките коишто понекогаш се баш несекојдневни“, истакнува Узунова. 

Uslugi
Dijamant Lotarija
Uslugi
Loto & Dzoker
Uslugi
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Uslugi
Филигран