
Грција и ова лето останува една од омилените туристички дестинации за македонските граѓани, но некои од нејзините најпознати плажи бараат посебна претпазливост поради безбедносни ризици.
Најголемо внимание привлекува плажата Навахо на островот Закинтос, која и оваа сезона останува затворена за посетители. Светски познатата плажа, препознатлива по бродоломот во белиот песок и високите карпи што ја опкружуваат, е недостапна поради опасност од одрони и паѓање карпи. Туристите можат да ја разгледуваат само од видиковците над заливот или од чамци, но пристапот до самата плажа е забранет.
Меѓу плажите што важат за едни од најубавите, но и најризичните во Грција е и Сеитан Лиманиа на Крит. До неа се стигнува по стрмна и тесна патека низ карпест терен, што претставува предизвик за многу посетители, особено во екот на летните горештини.
Плажата Саракинико на островот Милос, позната по белите вулкански карпи кои потсетуваат на месечев пејзаж, исто така бара внимателност. Лизгавите карпи и ризичното скокање во морето се меѓу најчестите причини за несреќи на оваа атрактивна локација.
На листата се наоѓа и плажата Миртос на Кефалонија, која редовно се вбројува меѓу најубавите во Европа. Иако плени со тиркизното море и спектакуларниот пејзаж, таа е изложена на силни морски струи и големи бранови, поради што во одредени периоди пливањето може да биде опасно или привремено забрането.
Експертите и локалните власти апелираат туристите да ги почитуваат предупредувањата и безбедносните мерки, бидејќи зад неверојатната убавина на некои од најпознатите грчки плажи се кријат ризици кои не треба да се потценуваат.

















