
Тажна сцена денеска ја потресе велешката јавност, откако коњ кој влечел запрежна кола угинал на угорнината кај улицата „Орце Мартинов“, на патот кон населбата Којник во Велес.
Според сведоштва и снимки објавени на социјалните мрежи, животното се урнало додека влечело натоварена приколка по стрмниот дел од патот. Настанот предизвика бројни реакции кај граѓаните, кои коментираат дека станува збор за тежок и вознемирувачки случај што повторно го отвора прашањето за условите во кои се користат запрежни животни.
На видеото се гледа запрежната кола запрена покрај патот, додека телото на коњот лежи на асфалтот. Дел од граѓаните бараат поголема контрола и заштита на животните кои сè уште се користат за транспорт и влечење товар.
Засега нема официјални информации дали за случајот биле известени надлежните служби, ниту дали ќе се утврдуваат причините за угинувањето на животното.
Случајот предизвика силни емоции и бројни коментари на социјалните мрежи, каде велешани изразуваат жалење и револт поради глетката која денеска ја затекнала минувачите на патот кон Којник.
















