Студената Месечина ќе биде видлива во четврток, на 4 декември, означувајќи го почетокот на зимата. Ова е третата и последна супермесечина за 2025 година. Иако супермесечините не се ретки – обично има три до четири годишно – ретко се случува да се појават три по ред.
Супермесечина се случува кога полната Месечина се наоѓа во „перигеј“ – најблиската точка до Земјата во нејзината орбита – што ја прави поголема и посветла на ноќното небо, објаснува Би-би-си. Полна Месечина се појавува кога Сонцето и Месечината се на спротивни страни од Земјата, во порамнување наречено „сизигија“, што овозможува целата страна на Месечината свртена кон нас да биде осветлена.
Во Скопје, Месечината ќе изгрее околу 15:08 часот, а ќе зајде следното утро помеѓу 08:00 и 09:00 часот, нудејќи многу часови за набљудување. Како што ќе излегува, Месечината ќе формира триаголник со ѕвезденото јато Плејади и светлата ѕвезда Алдебаран. Јупитер и зимското соѕвездие Орион исто така ќе бидат видливи во близина.
Декемвриската полна Месечина е наречена Студена Месечина, поради својот период во годината близу зимската краткоденица, а историски именувањата на полните Месечини служеле за следење на годишните времиња и активности како лов, берба и садење.
Следната полна Месечина ќе биде „Волчја Месечина“ на 3 јануари 2026 година, која исто така ќе биде супермесечина.



























