Во Клиничката болница Тетово денеска беа доделени решенија за вработување на 28 доктори кои завршиле специјализација во оваа здравствена установа. Решенијата беа потпишани на церемонија на која присуствуваа директорот Ерзен Елези и министерот за здравство Азир Алиу.
Директорот Елези истакна дека ова е првиот конкурс за вработување на специјализанти, а во тек е и втор конкурс со кој ќе се вработуваат дополнителни доктори. Специјализантите во болницата се обучувале во различни области, како ортопедија, неврологија, хирургија, гинекологија и физикална медицина.
– Нашата болница има потреба од специјализации и за одделите за инфективно, хематологија, рендген и хирургија. Со тековниот конкурс ќе бидеме целосно покриени со нови специјалисти – истакна Елези.
Министерот Алиу нагласи дека човечките ресурси се клучен елемент на здравствениот систем и дека вработувањата нема да завршат само со овие 28 доктори. Тој најави дека наскоро ќе биде отворен нов конкурс за специјализанти, со цел да се доближи бројот на лекари до европските стандарди.
Директорот Елези додаде дека за медицинските сестри, болничари, технички кадар и администрација кои работат на договор на дело, следуваат интервјуа и очекува процесот за нивно вработување на неопределено време да заврши во најмногу две недели.



























