
Швајцарија ја зазеде врвната позиција на листата на најпаметни земји во светот, според новото рангирање на веб-страницата „Ворлд оф кард гејмс“. Со впечатлив резултат од 92,02 поени од 100, швајцарската доминација се должи на комбинацијата од бројни Нобелови номинации, висок просечен IQ и значителен удел на образовани граѓани.
Според податоците, Швајцарија бележи 1.099 номинации за Нобелова награда, просечен IQ од 99,24 и 40,02% од возрасните имаат најмалку основен академски степен, додека 18,05% се магистрирани. „Првото место на Швајцарија покажува дека една мала земја може да постигне големи резултати кога се фокусира на квалитет, а не на квантитет“, коментира Холгер Синдбаек, основач на „Ворлд оф кард гејмс“.
Велика Британија се најде на второто место со вкупен резултат од 89,4, благодарение на 2.393 номинации за Нобелова награда и речиси 40% возрасни со факултетска диплома. САД заземаа третата позиција (89,18), предводени од најголемиот број Нобелови номинации – 5.717 – и универзитети со 256 добитници на ова престижно признание.
Европските земји доминираат на листата: Холандија (четврто место, IQ 100,74), Белгија (петто место, IQ 97,49), Шведска, Германија, Полска, Данска и Финска. Интересно е дека Финска бележи највисок просечен IQ – 101,20, додека Полска предничи по процент на население со магистратура, со 22,31%.
Анализата на „Ворлд оф кард гејмс“ ја комбинира бројката на Нобелови номинации, просечниот IQ и образовното ниво на населението, создавајќи единствен индекс за интелигенција на нациите. Иако ова не е академско истражување, резултатите нудат интересен поглед на глобалните разлики во образованието и научното влијание.
„Најуспешните држави инвестираат во повеќе области – од универзитети од светска класа до обезбедување можност за што поголем број луѓе да стекнат академски дипломи. Придобивките се повеќекратни“, додава Синдбаек.



























