
Куманово имаше богата културна година, со над 150 реализирани настани во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и Театар Куманово, истакна директорот Сашо Тодоровски. Настаните опфатија концерти, изложби, фолклорни активности, театарски претстави и други уметнички перформанси, како дел од годишната програма на Министерството за култура, така и проекти на други културни чинители.
„Посетеноста на нашите настани ја потврдува успешноста на изминатата година. Вкупно околу 14.500 љубители на културата ја посетиле нашата програма, поддржувајќи ги претставите, изложбите, концертите, уметничките перформанси и промоциите на книги. Публиката е таа која ја создава убавата приказна во Центарот за култура Куманово“, рече Тодоровски.
Во текот на годината беа поставени седум премиерни театарски претстави – четири на македонски и три на албански јазик. Тие не само што гостуваа во Куманово, туку настапија и на значајни фестивали во други градови, а дел од нив освоија и награди.
Еден од најзначајните настани беше Фестивалот на проза 2025, кој се одржа во мај и веќе се етаблира како важен литературен собир во земјата и регионот, со учество на еминентни автори.
„Фестивалот на проза стана место каде што се среќаваат писатели од земјата и соседството, разменувајќи идеи и инспирација. Благодарност до Министерството за култура за поддршката, која се надеваме дека ќе продолжи и во 2026 година“, додаде Тодоровски.
Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ оваа година го одбележа своето 28. издание, продолжувајќи ја традицијата на забавни и инспиративни претстави, додека интересот за традиционалните изложби „Самоуки“ и биеналната „Скици“ остана висок.
Што се однесува до реконструкцијата на Театар Куманово, јавната набавка е при крај, а по изборот на економскиот оператор ќе започне финалната фаза на изградбата, со цел завршување до крајот на 2026 година. Финансиските средства се обезбедени од Министерството за култура.



























